Четворка
Марко има запишано листа од неколку позитивни цели броеви. Сега, тој се прашува на колку начини е возможно да се избришат сите броеви од листата освен четири броеви (X, Y, A, B), така што X*A = Y*B (т.е. производот на првиот и третиот број кој ќе останат да е еднаков на производот од вториот и четвртиот број). Не е дозволена промена на позициите на броевите во листата.
На пример, нека имаме листа од броеви [6, 24, 9, 9, 8, 2]. Во овој случај, ако ги избришеме двете деветки, ќе останат четирите броеви [6, 24, 8, 2]. Притоа, производот на првиот и третиот број (6*8=48) е еднаков на производот од вториот и четвртиот број (24*2=48).
Ваша задача е да му помогнете на Марко и да напишете програма која ќе пресмета на колку начини може да се избришат броеви од листата, така што за оние четири (X, Y, A, B) што ќе останат, ќе важи дека X*A=Y*B. За два начини велиме дека се различни доколку постои број на одредена позиција P кој што е избришан кај едниот начин, но не е избришан кај другиот начин.
(Видете ги примерите дадени подолу доколку сеуште не ви е јасно што се бара како решение.)
Влез
Во првиот ред е даден еден цел број N (4 <= N <= 100). Во вториот ред се дадени N цели броеви Ai (1 <= Ai <= 30000) одделени со празно место, кои ги означуваат броевите во листата (дадени во соодветниот редослед, од лево на десно).
Забелешка: Во тест случаи кои ќе носат најмалку 20% од поените, ќе важи (4 <= N <= 5). Дополнително, во тест случаи кои ќе носат најмалку 30% од поените, ќе важи (6 <= N <= 20).
Излез
Единствената линија од излезот треба да го содржи бараниот број на начини.
Ограничувања
Временско ограничување: 1 second
Мемориско ограничување: 64 megabytes
Примери
влез 6 50 17 17 50 17 17 | излез 3 |
влез 5 10 10 10 10 10 | излез 5 |
Објаснување за првиот тест пример: Може да се избришат првиот и четвртиот број (50 и 50), да се избришат вториот и третиот број (17 и 17), или да се избришат петтиот и шестиот број (17 и 17). Во сите овие ситуации, по бришењето, ќе останат четири броеви, така што производот на првиот и третиот број е еднаков на производот на вториот и четвртиот број.
Објаснување за вториот тест пример: Може да се избрише првиот број, да се избрише вториот број, да се избрише третиот број, да се избрише четвртиот број, или да се избрише петтиот број.