Креирање на вашата прва програма

Пред да ја создадете вашата прва програма во C++, потребно е на вашиот персонален компјутер да инсталирате софтверска алатка која ќе ви овозможи да пишувате програми, нив да ги тестирате, како и да ги склопувате во софтвер кој компјутерот може да го изврши. Секоја ваквите алатка се нарекува "Интегрирана Развојна Околина" (анг. кратенка IDE). Стандардно, едно IDE содржи:

  • текстуален едитор за изворниот код (место каде што ќе го пишувате вашиот код)
  • компајлер и/или интерпретер
  • алатка за отстранување на грешки - debugger

Постојат повеќе интегрирани развојни околини за пишување на C++ програми. Моментно, најдоброто бесплатно IDE за пишување на овој тип на програми е Code::Blocks. Оваа алатка стандардно се користи од илјадници корисници - како за пишување на едноставни програми, така и за креирање на сериозни комерцијални проекти. Code::Blocks е IDE кое се користи од страна на Интернационалната Олимпијада по Информатика при реализацијата на натпреварите по информатика.

Преземете го Code::Blocks од следниот линк: codeblocks-10.05mingw-setup.exe

Инсталирајте го Code::Blocks со едноставно извршување на преземената setup датотека. Честитки, сега може да создавате програми преку едноставно стартување на Code::Blocks, креирање на нов проект и пишување на код.

Чекори за креирање на вашата прва програма

Време е за креирање на вашата прва програма. Обидете се да ги преживеете следниве неколку предавања од курсот - тие се малку подолги од останатите поради фактот што ги објаснуваат повеќето основните поими во C++.

Стандардно, првата програма која ја пишуваат сите ново-печени програмери е т.н. hello world програма:

Програма 4.1

#include <iostream>
using namespace std;

int main()
{
      cout << "Hello world!" << endl;
      
      return 0;
}

За да ја извршите оваа програма на вашиот компјутер, направете ги следниве чекори:

  1. стартувајте го Code::Blocks (Start » All Programs » CodeBlocks » CodeBlocks)
  2. кликнете на File, па New Project
  3. Одберете Console Application, и кликнете Go
  4. Кликнете на Next
  5. Одберете C++, и кликнете Next
  6. Внесете име на проектот во полето Project Title » HelloWorld (останатите полиња ќе се нагодат автоматски)
  7. Проверете дали полето Compiler ja содржи вредноста "GNU GCC Compiler", и кликнете Finish
  8. Во левиот дел на екранот, отворете Workspace » HelloWorld (или како и да сте го именувале проектот), па потоа Sources и отворете ја датотеката main.cpp (со кликнување двапати на левото копче од глушецот, или со кликнување на десното копче од глушецот и "Open main.cpp")

    Избришете го постоечкиот код. Потоа, препишете го кодот даден погоре (hello world програмата) во текст едиторот. Внимавајте на големината на буквите - C++ прави разлика помеѓу големи и мали букви, па доколку внесете Cout наместо cout, или Main() наместо main(), програмата нема да функционира. Исто, внимавајте на знаците ';' (точка запирка) - тие се важни и мора да се наоѓаат на истите места како и во програмата дадена погоре. Осигурајте се дека сте го напишале зборот endl правилно; последната буква во endl е l (мало L), а не I (големо i) - во многу фонтови, овие две букви изгледаат исто. На наредбите од програмата не им претходат бројчиња (како што е тоа дадено погоре). Бројчињата се дел од Syntax Highlighter – алатката која ја користиме за прикажување на код.

    Не го копирајте кодот - препишете го самите, наредба по наредба. Што повеќе вежбате да пишувате, станувате подобри.
  9. За да ја извршите вашата прва програма, одете Build (горно мени) па Build and run (или кликнете на F9). Доколку програмата не се изврши, сте направиле некоја грешка при препишувањето - проверете го вашиот код линија по линија. Доколку не можете да ја најдете грешката, погледнете во долниот дел од Code::Blocks - таму ќе биде наведена линијата во која сте направиле грешка.
  10. Браво. Ја креиравте и извршивте вашата прва C++ програма.

Извршувањето на програмата дадена погоре резултира со печатење на текстот "Hello world!" на компјутерскиот екран. Иако е многу едноставна, оваа програма ги содржи клучните елементи од кои е составена секоја C++ програма. Во следното предавање детално ќе ги анализираме овие клучни делови.

Дозвола за користење: CC BY-NC 2.5 ©