Креирање на вашата прва програма
Пред да ја создадете вашата прва програма во C++, потребно е на вашиот персонален компјутер да инсталирате софтверска алатка која ќе ви овозможи да пишувате програми, нив да ги тестирате, како и да ги склопувате во софтвер кој компјутерот може да го изврши. Секоја ваквите алатка се нарекува "Интегрирана Развојна Околина" (анг. кратенка IDE). Стандардно, едно IDE содржи:
- текстуален едитор за изворниот код (место каде што ќе го пишувате вашиот код)
- компајлер и/или интерпретер
- алатка за отстранување на грешки - debugger
Постојат повеќе интегрирани развојни околини за пишување на C++ програми. Моментно, најдоброто бесплатно IDE за пишување на овој тип на програми е Code::Blocks. Оваа алатка стандардно се користи од илјадници корисници - како за пишување на едноставни програми, така и за креирање на сериозни комерцијални проекти. Code::Blocks е IDE кое се користи од страна на Интернационалната Олимпијада по Информатика при реализацијата на натпреварите по информатика.
Преземете го Code::Blocks од следниот линк: codeblocks-10.05mingw-setup.exe
Инсталирајте го Code::Blocks со едноставно извршување на преземената setup датотека. Честитки, сега може да создавате програми преку едноставно стартување на Code::Blocks, креирање на нов проект и пишување на код.
Чекори за креирање на вашата прва програма
Време е за креирање на вашата прва програма. Обидете се да ги преживеете следниве неколку предавања од курсот - тие се малку подолги од останатите поради фактот што ги објаснуваат повеќето основните поими во C++.
Стандардно, првата програма која ја пишуваат сите ново-печени програмери е т.н. hello world програма:
Програма 4.1
#include <iostream> using namespace std; int main() { cout << "Hello world!" << endl; return 0; }
За да ја извршите оваа програма на вашиот компјутер, направете ги следниве чекори:
- стартувајте го Code::Blocks (Start » All Programs » CodeBlocks » CodeBlocks)
- кликнете на File, па New Project
- Одберете Console Application, и кликнете Go
- Кликнете на Next
- Одберете C++, и кликнете Next
- Внесете име на проектот во полето Project Title » HelloWorld (останатите полиња ќе се нагодат автоматски)
- Проверете дали полето Compiler ja содржи вредноста "GNU GCC Compiler", и кликнете Finish
- Во левиот дел на екранот, отворете Workspace » HelloWorld (или како и да сте го именувале проектот), па потоа Sources и отворете ја датотеката main.cpp (со кликнување двапати на левото копче од глушецот, или со кликнување на десното копче од глушецот и "Open main.cpp")
Избришете го постоечкиот код. Потоа, препишете го кодот даден погоре (hello world програмата) во текст едиторот. Внимавајте на големината на буквите - C++ прави разлика помеѓу големи и мали букви, па доколку внесете Cout наместо cout, или Main() наместо main(), програмата нема да функционира. Исто, внимавајте на знаците ';' (точка запирка) - тие се важни и мора да се наоѓаат на истите места како и во програмата дадена погоре. Осигурајте се дека сте го напишале зборот endl правилно; последната буква во endl е l (мало L), а не I (големо i) - во многу фонтови, овие две букви изгледаат исто. На наредбите од програмата не им претходат бројчиња (како што е тоа дадено погоре). Бројчињата се дел од Syntax Highlighter – алатката која ја користиме за прикажување на код.
Не го копирајте кодот - препишете го самите, наредба по наредба. Што повеќе вежбате да пишувате, станувате подобри. - За да ја извршите вашата прва програма, одете Build (горно мени) па Build and run (или кликнете на F9). Доколку програмата не се изврши, сте направиле некоја грешка при препишувањето - проверете го вашиот код линија по линија. Доколку не можете да ја најдете грешката, погледнете во долниот дел од Code::Blocks - таму ќе биде наведена линијата во која сте направиле грешка.
- Браво. Ја креиравте и извршивте вашата прва C++ програма.
Извршувањето на програмата дадена погоре резултира со печатење на текстот "Hello world!" на компјутерскиот екран. Иако е многу едноставна, оваа програма ги содржи клучните елементи од кои е составена секоја C++ програма. Во следното предавање детално ќе ги анализираме овие клучни делови.