Танцување

Секоја година, по завршување на Државниот натпревар по информатика, ЗИМ организира свечена вечера за менторите и членовите на комисијата за натпревари. Како традиција, свечената вечера се одржува во една позната македонска кафеана. Покрај поканетите на свечената вечера, во кафеаната е нормално да има и други посетители со кои менторите и организаторите можеби не се познаваат - посетители кои слават награди, родендени, победи на омилените фудбалски екипи, итн.

Како што веќе сигурно знаете, информатичарите се одлични танцувачи. За среќа, во кафеаната при овогодинешната организација на свечената вечера, имало уште една група на одлични танцувачи - посетители кои славеле роденден на соседната маса во кафеаната. За секој од N-те танцувачи (од двете групи), е познато на која група тој/таа припаѓа и која е неговата/нејзината способност за танцување Ti.

За да се запознаат подобро, двете групи се договориле да танцуваат на следниот начин:
      1. Најпрвин, тие ќе се наредат еден до друг од лево на десно, во една линија (одбраниот редослед ќе ви биде даден на влез)
      2. Потоа, додека постојат парови од танцувачи кои стојат еден до друг и се од различна група, се одбира еден пар да излезе на подиумот да танцува. Според договорот, се одбира парот кој има најмала разлика (како апсолутна вредност) во способноста за танцување. Доколку не постои ниту еден пар, танцувањето завршува. Доколку постојат повеќе такви парови, се одбира оној пар кој стои најлево.
      3. Кога одреден пар ќе излезе на подиумот, останатите го пополнуваат испразнетиот простор во линијата така што се приближуваат/збиваат еден до друг (без да го променат редоследот) и одбирањето на парови продолжува (се оди на чекор 2).

Напишете програма која ќе определи во кој редослед паровите за танцување излегувале на подиумот.



Влез

Во првиот ред е запишан бројот на танцувачи N (3 <= N <= 100000). Во вториот ред се запишани N цели броеви Ti (2 <= Ti <= 100000000), кои ја означуваат способноста за танцување на секој од танцувачите (броевите се дадени во редослед како што се танцувачите иницијално наредени, од лево на десно). Во третиот ред се запишани N цели броеви Gi (1 <= Gi <= 2), кои означуваат на која група припаѓа i-тиот танцувач (1 ако е посетител на свечената вечера организирана од страна на ЗИМ, или 2 ако е од групата која славела роденден на соседната маса во кафеаната).

Забелешка: Во тест случаи кои вредат најмалку 30% од поените, ќе важи (3 <= N <= 100).



Излез

Во првиот ред се запишува бројот на парови P кои излегле да танцуваат. Во наредните P редови, во редослед по кој паровите излегувале на подиумот, се запишуваат редните броеви на танцувачите (според редоследот во влезните податоци, почнувајќи со 1). За еден пар, прво се запишува бројот на танцувачот кој, во редоследот, се наоѓа лево - значи помалиот реден број, па оној кој се наоѓа десно - значи поголемиот реден број.



Ограничувања

Временско ограничување: 1 second
Мемориско ограничување: 64 megabytes



Примери


влез
4
13 14 12 10
1 2 1 2
излез
2
1 2
3 4


влез
3
4 7 4
1 1 1


излез
0


влез
5
10 20 50 53 18
2 2 1 2 1


излез
2
3 4
2 5


Објаснување за првиот пример: Постојат четири танцувачи (да ги крстиме Дарко [1], Ѓурѓица [2], Методи [3] и Маја [4]). Најпрвин ќе излезат да танцуваат Дарко и Ѓурѓица (разликата во нивната способност за танцување е |13-14|=1). Потоа, на подиумот ќе излезат Методи и Маја.



 Submit your code